Околу илјада струмичани на најразлична возраст денеска учествуваа во трката и донираа за седумгодишната Нина Димитриевска, која треба да замине на операција во САД за која и се потребни 65 илјади евра.
Според организаторот на трката, Здружението „Вера“ од Струмица, граѓаните уште еднаш ја покажале својата хуманост и желба да помогнат.
-Струмичани се познати по својата хуманост, а тоа го потврдија и денес. На трката, во која немаше победник, учествуваа од бебиња па до постари граѓани. Се надевам дека со собраните средства ќе и помогнеме на Нина да се излекува, рече Анче Туфекчиева од Здружението „Вера“ од Струмица.
На целта сите учесници ги дочекуваше малата Нина заедно со родителите и лично им се заблагодаруваше за помошта.