Поволната хидролошка состојба во земјава по последните снежни врнежи, позитивно се одрази и врз количеството вода во сите акумулации во земјава. Во таа насока не е исклучок ниту Осломејско Езеро, кое поради наглото топење на снегот го подигна нивото за еден метар, што позитивно се одрази и врз рибниот фонд во езерото. Оваа констатација ја потврдуваат и од риболовното друштво „Хантер фиш“, чија главна преокупација е грижата за самото езеро.
– Врнежите добро се одразија и врз целокупната вегетација што вирее во оваа акумулација. Полноводното езеро со натпросечна резерва на вода, подготвено го очекува претстојниот период кога се можни и подолги сушни периоди, како што беше тоа случај претходните две-три години, кога со месеци не заврна дожд, а тоа предизвика и спуштање на нивото на езерото – вели Бесмир Елези, претседател на риболовното друштво „Хантер фиш“.
Тој го најави и првиот спортски риболовен натпревар што годинава ќе се одржи на Осломејско Езеро, со што ќе биде отворена сезоната на спортски натпревари, а за оваа потреба ќе се уредува крајбрежјето на езерото.
– Во наредните десетина дена ќе имаме засилени подготовки во крајезерскиот појас за претстојниот меѓународен риболовен натпревар. До почетокот на натпреварот ќе мора да обезбедиме боксови, каде што ќе бидат сместени екипите учесници на натпреварот и ќе овозможиме еднакви услови за сите учесници на купот – додава претседателот Елези.
Тој најави дека во текот на наредните два месеца на оваа акумулација ќе има уште две порибувања, со што рибниот фонд на Осломејско Езеро и видовите риба значително ќе се зголемат.
– Откако го порибивме езерото со крупни примероци амур пред два месеца, во наредниот период планираме порибување на езерото со бела риба од помала тежина, а тоа ќе придонесе повеќе видови риба да бидат присутни во неговите езерски води. Со зголемениот број спортски риболовни натпревари од меѓународен карактер, уште повеќе го подигаме реномето на Осломејско Езеро, кое речиси до вчера беше апсолутно непознато за јавноста – додаде претседателот.