Едно од најзагрозените видови животни на нашите планини е балканскиот рис, кој поради стеснување на неговиот ареал се наоѓа во уште покритична состојба, а најголеми причини за стеснување на неговиот животен простор се изградбата на патиштата, сечењето на шумите и забрзаната урбанизација и во делови каде што тоа не треба да се чини.
Притиснат од се помалиот животен простор, балканскиот рис, иако плашливо животно, самотник, е присилено да се движи и на места каде за него тоа е не вообичаено. Така, изминативе денови на патот Кичево-Охрид, од патничко моторно возило беше удрен еден примерок балкански рис, кој и покрај обидот на ветеринарите да му се спаси животот, сепак, поради тешките повреди починал на пат за Скопје.
Токму тоа е причината на сите патишта, особено на оние со интензивен сообраќај, да се изградат зелени мостови, кои ќе бидат специјално наменети за движење на дивите животни по нивните природни патишта и живеалишта. Во текот на изминатите неколку години, поради изградбата на автопатот и честите минирања, по самиот коловоз забележани се дивите мечки како се движат по патиштата приморани од се потесниот животен простор во кој гравитираат.
Инаку, биолозите изминативе неколку години на планините во Западна Македонија заловија три примероци балкански рис, на кои им беше ставен околувратник со ГПС, за да може да се следи нивното движење, а последниот заловен примерок на рис беше женката, наречена Маја, која по извесно време на свет донесе младо рисче. Во овие експедиции учествуваа и биолози и фотографи од Италија, Чешка, Кипар и други земји, како и студенти од видни универзитети од Стариот континент. З.А.