ПРИЛЕП
Корупцијата ја има, постои во сите сфери на општеството. Ова го покажал проектот „Правна едукација за борба против корупција“, на прилепското здружение за правна едукација и транспарентност „Станица ПЕТ“, што бил реализиран во периодот јуни 2020 – март 2021 година. Проектот имал цел развивање системска акција во случаи на корупција и судир на интереси и овозможување пристап и едукација на граѓаните, особено од маргинализираните заедници до правна помош за идентификување и пријавување случаи на корупција и судир на интереси.
– Во текот на траењето на проектот реализиравме повеќе активности, како што се учество во подготовка на протокол за здруженија и правни клиники за постапување во случаи на корупција и судир на интереси, подготовка на промотивен материјал за промоција на правната помош на здружението и негова дистрибуција на целните групи, давање правна помош за постапување во случаи на корупција и судир на интереси. Одржавме две обуки за тоа што претставуваат корупцијата и судирот на интереси и начинот на поднесување на пријави до надлежни институции, подготвивме видеозапис „Корупција и судир на интереси“, со илустративен приказ на основни информации за борбата против корупцијата и постапката/механизмите за пријавување и одржавме јавна трибина за важноста од препознавањето на корупцијата и судирот на интереси – велат од „Станица ПЕТ“.
Здружението, кое обезбедува правен совет, упатување до институции и правна помош при пријавување случаи на корупција и судир на интереси, во изминатиот период побарало и дало правен совет, информација и насоки во вкупно 92 случаи.
– Од нив во најголем број луѓето пријавуваат случаи на „злоупотреба на службената положба и овластувања“, барање и примање поткуп. По области на кои најмногу реагираат граѓаните се вработување и здравствена заштита. Како места на кои најмалку им веруваат, односно сметаат дека корупцијата е најраспространета, се инспекторатите и јавната администрација. Она што е забележливо е високиот процент на граѓани што не се одлучуваат да поведат постапка или доколку се одлучат, подоцна се повлекуваат како резултат на притисоците, страв од реваншизам, односно одмазда и недовербата во институциите, односно системот на заштита.
Иако на странките им се објаснува и анонимното пријавување, како и заштитата во согласност со законот за заштита на укажувачи, во практика сепак сѐ уште постои несигурноста на граѓаните, како и нивната убеденост дека нема ништо да постигнат и да пријават. Најсигурно се чувствуваат и му веруваат на народниот правобранител, па така пријавите до него се најчест метод до кој сакаат и се чувствуваат сигурни да пријават – истакнуваат од здружението.
Надлежните од оваа организација велат дека се потребни препознавање и преземање конкретни мерки за борба против корупцијата од страна на граѓаните, особено од маргинализираните заедници, кои се најпогодени од оваа појава на локално ниво, потоа промена на општоприфатениот јавен дискурс дека „против големите не се може“ бидејќи „државата ни е таква“, креирање сеопфатни позитивни промени во наративот на сите засегнати страни, бидејќи пристапот не ги опфаќа само граѓаните туку паралелно со нив и здруженијата и локалните институции.