Фото: Маја Јаневска-Илиева

Кичево

По зимскиот престој во Повардарието, стадата овци, кои традиционално летото го поминуваат на пасиштата во Западна Македонија и годинава се упатија по истата релација од Повардарието, преку планини и патишта до бачилата на Бистра,Стогово и на Шара.
Ова патешествие е најтешкиот дел од годината како за самите овци така и за овчарите, бидејќи се изложени на големи опасности. Патот од овој дел на земјава до сочните пасишта трае од три до четири дена, а во тој период овците ноќеваат на повеќе места под ведро небо, изложени на сите временски непогоди и опасности од напад на волци. Неизбежна придружба на овие стада се секако и кучињата, шарпланинци, кои верно ги следат и не дозволуваат овците да се делат од стадото. Во придружбата на ова маратонско патешествие секако се и коњите, натоварени со храна за овчарите и кучињата, со облека и прекривки, кои ги користат овчарите кога со своите стада попатно ноќеваат на повеќе локации.

– Покрај преостанатите проблеми со кои се соочуваме при секојдневната работа, тешка фаза од нашиот секојдневен живот претставува и селидбата од потоплите краишта до бачилата на Бистра и на Стогово. Не знаеме што е поризично за нас, дали движењето по планинските падини, каде што често се повредуваат овците или патиштата по кои мораме да бидеме крајно претпазливи од многуте патнички возила. Ниту во текот на ноќта сме спокојни, бидејќи ноќеваме под ведро небо и се молиме на бога да не ни заврне и загрми, што уште повеќе ќе ни ја влоши состојбата. При овие патувања се соочуваме и со мала загуба на овци, кои или се губат во планините или се повредуваат и пролизгуваат и не се во можност да го издржат целиот пат – вели Мефо во придружба на едно стадо овци, кое деновиве го сретнавме на пат за Бистра.

Некои сопственици на матични стада овци, овој транспорт го организираат или со камиони или многу ретко со воз. На овој начин го кратат времето на патување, а и ги намалуваат ризиците од загуби од своите стада овци, нивно попатно прегазување кога поминуваат по јавните патишта или пролизгување по стрмните падини на планините, кои попатно ги минуваат. Но како што рекоа и самите и ризикот е поврзан со нивната работа.
– Наесен кога ќе се вратат овците во нивните зимувалишта со себе ќе понесат и големи количества првокласен кашкавал и сирење. И така секоја година во јуни на планина, во октомври назад во местата за зимски престој – вели Ајрадин Бајрами, кој многу години се занимава со оваа дејност.