ГЕВГЕЛИЈА

Епидемиолошката состојба со ковид-19 во Гевгелија е стабилна, оцени раководителот на Центарот за јавно здравје во оваа општина, д-р Сашко Олумчев. Ваквата оцена произлегува од статистиката, која покажува висок процент на оздравени пациенти од ковид-19 во Општина Гевгелија.
– Од почетокот на пандемијата, со појавата на првиот случај и во текот на пандемијата, од евидентираните 1.125 заболени, излекувани се 810 пациенти. Ваквите резултати се должат на ангажманот на сите здравствени работници и целокупниот персонал на Општата болница во Гевгелија и на локалниот Центар за јавно здравје. Граѓаните сериозно ја сфатиле опасноста од вирусот и повеќето од нив доследно се придржуваат кон мерките пропишани од Комисијата за заразни болести – рече тој.
Олумчев се надева дека ваквото одговорно однесување на граѓаните на Општина Гевгелија ќе продолжи и во наредниот период, особено околу празниците.
– На ваков начин се контролира ситуацијата со вирусот и подолго би се одржувала стабилна епидемиолошката состојба. Доколку не се почитуваат мерките, очекувам за две недели да се зголеми бројот на заболени. Затоа, апелирам сите да покажеме одговорност, да ги почитуваме сите препораки и мерки за да продолжи трендот на опаѓање на нови случаи од коронавирусот на подрачјето на Општина Гевгелија, за што е надлежен Центарот за јавно здравје – рече д-р Олумчев.