Околу двесте средношколци од гимназијата и економското училиште во Тетово протестирааа поради долготрајната загаденост на воздухот и зголемената смртноста поради тоа. Учениците не присуствуваа на првите часови од наставата и во 8 часот се собраа на градскиот плоштад. По половина час собирање и чекање на поголем број ученици со протестен марш се упатија кон зградата на општината. Таму скандираа барајќи чист воздух и истакнувајќи пароли со барања за поквалитен живот.
-И покрај притисоците од надлежните, покрај политичките притисоци, средношколците излегоа на протест против аерозагадувањето. Поднесуваме ултиматум до надлежните во случај на седум дена да не се случи преземање на краткотрајни и долготрајни мерки следи бојкотирање на наставата. Градоначалничката која требаше да биде на работно место не се појави да ги ислуша тетовските средношколци, неа не ја интересира нашиот став, што ние мислиме и што бараме – изјави Јован Томашевиќ, претставник на средношколците.
Според него во овие неколку дена во неделата се вршел притисок врз учениците да не излегуваат на протест кој бил најавен во полицијата, а воедно организиран преку социјалните мрежи.
-Протестот е организиран, пријавен, најавен. Учествуваат само тетовските средношколци од еконономско школо и гимназија и тоа само од паралелките на македонски јазик. Имаме информации дека се врши голем притисок, од повисоко ниво, до директорите и наставниците а понатаму на учениците и нивните родители. Се шират дезинформации, лаги се шират, за да се заплашат родителите и учениците да не излезат да го истакнат своето право да имаат чиста животна средина, рече ученикот Томашевиќ.
Учениците се одлучиле на ваков чекор да бараат поголема одговорност од надлежните околу справување со квалитетот на воздухот, наведувајќи ги податоците од научна студија во која е објавено дека 38 отсто од смртните случаи во Тетово се должат на загадениот воздух. Во Македонија просекот е 22 отсто. Студијата покажува дека најголемите причинители за загадувањето на воздухот со ПМ-10 честички со учество од 36 отсто се греењето на дрва кај домаќинствата, разните индустриски процеси со 33 отсто, а 20 отсто отпаѓаат на продукцијата на разни видови енергија. Се смета дека сообраќајот учествува со 2 проценти во создавањето на отровните честички прашина.
Според податоците добиени од континуираните мерења од страна на Државниот Автоматски Мониторинг систем за квалитет на амбиентен воздух, во Тетово годинава од изминатите 333 денови (до 29 ноември), дури во 110 денови надмината е дозволената среднодневната гранична вредност за ПМ 10 честичките кои се показател за загаден воздух. Светските здравствени стандарди предвидуваат во една календарска година да нема повеќе од 35 денови со загаден воздух, односно зголемено присуство на отровните ПМ 10 честички. Во Тетово во 2013-та наместо 35, загадување над дозволените граници имало во 310 денови, наредната 2014-та абнормално загадување имало во 285 денови, во 2015 дури во 350 денови, а во 2016-та поминува со 302 денови. За 2017 година надминување има во 134 денови, а за 41 ден нема информации.