Денес во еден локал во Кичево, градоначалникот Фатмир Дехари оствари средба со дијаспората од овој регион а се работи за граѓани кои претежно работат во европските земји Швацарија, Австрија и Германија. Дехари уште еднаш на печалбарите им го презентира буџетот за 2019 година и за што се ќе бидат потрошени околу 13,5 милиони евра, колку што е проекцијата за следната година.

Градоначалникот во своето подолго излагање во детали ги запозна присутните за намената на овие средства.

Тој истакна, дека интензитетот на работа и следната година ќе продолжи со иста динамика, ќе се градат водоводи, канализациски мрежи, патишта и за прв пат целосна обнова ќе доживее и Китиното Кале за што ќе бидат потрошени 700 000 евра. А не заборави да потсети дека за плати на општинската администрација ќе бидат потрошени 1 200 000 евра. Градоначалникот Дехари ги замоли печалбарите да инвестираат во општината во рамките на своите можности, затоа што со новите инвестиции и развојот на општината ќе биде многу побрз а иселувањето ќе биде намалено.

По исцрпното излагање на првиот човек на општинската администрација, тој беше поздравен со громогласен аплауз од присутните печалбари. На крајот претседателот на Здружението на печалбарите од кичевско во Швајцарија, Гафур Шербети, ја истакна отвореноста и транспарентноста на градоначалникот, кој се потруди во целост да ги запознае печалбарите со буџетот на општината и ова е за прв пат еден градоначалник да изврши целосна презентација на средствата кои по разни основи се собираат од граѓаните.

З.А.