Со средства од Јапонската амбасада е реновирано дел од ОУ „Добре Јованоски“ во Прилеп со што се подбрени условите за настава. По тој повод во училиштето денеска беше одржана пригодна свеченост на која присуствуваа градоначалникот Илија Јованоски и јапонската амбасадорката во Република Македонија, Кеико Хенда.
Средствата за реализација на овој проект се во висина од околу 50.000 евра, во чии рамки е извршена промена на прозорците и вратите во училиштето и пренаменет е дел од училишниот простор во советувалиште за родителите и деца со посебни образовни потреби. Јапонската амбасада средствата ги обезбеди преку „GGP“ програмата.
-Поголем дел од учениците во ова училиште се од ромска националности и токму затоа Општина Прилеп се залага за инкорпорирање на ромската заедница во сите сегменти на општественото живеење – вели градоначалникот Јованоски.
Јапонската амбасадорка Кеико Хенда посочи дека оваа година се прославуваат 25 години од пријателство помеѓу Македонија и Јапонија.
-Ова училиште е 66 училиште кое е рехабилитирано од повеќе од 100 успешно завршени проекти од грант програмата за мали проекти, истакна амбасадорката Кеико Хенда.
Реализацијата на овој проект ќе значи поголема енергетска ефикасност на објектот и подобри услови за изведување на наставата, а училиштето настава посетуваат 1.226 ученици, од кои 976 се од ромска националност.
Ка.М.