БИТОЛА

Деновиве во Битола, во рамките на европскиот проект „Бенефит“, неколку дена се водеше јавна расправа за енергетската ефикасност кај објектите во надлежност на градот. Општина Битола во рамките на проектот за подобрување на енергетската ефикасност, финансиран од Европската Унија и фондовите на земјите-учеснички, во рамките на Програмата за погранична соработка Грција – Македонија 2014-2020, организира Недела на енергетска ефикасност во Општина Битола.
Првиот ден на форумот се расправаше на темата „Трендови во енергетската ефикасност“.
– Преку проектот за енергетска ефикасност, во спортската сала „Боро Чурлевски“, директно извршивме имплементација и дадовме еден инпут, додадена вредност во енергетската ефикасност во објект на Општина Битола. Во рамките на проектот е обезбедено и софтверско решение за следење на објектите, зашто секогаш кога имаме влезни податоци што можат да се анализираат, тогаш навистина имаме реални можности да дадеме најподобен одговор за тоа како треба да реагираме во функција на подобрување на енергетската ефикасност. Енергијата ниту се создава ниту се уништува, таа само се трансформира од еден облик во друг, а нам како на човештво ни е должност сѐ што ќе преземеме за трансформацијата на енергијата, да биде бенефиција за сите нас – истакна на форумот градоначалничката Наташа Петровска.
Во рамките на неделата на енергетска ефикасност се одржа обука за користење софтвер за мониторинг на енергетската ефикасност во објектите, сопственост на Општина Битола, кој ќе биде задолжителен во работата на установите под надлежност на Општина Битола.

– Фондацијата „Гаус“, институт за нови технологии, иновации и трансфер на знаење од Битола, беше избрана за коорганизатор на настанот, но исто така и да изработи софтвер за следење на енергетската ефикасност на јавните објекти сопственост на Општина Битола. Со него сите сметки, трошоци што ги имаат училиштата, градинките, општинската зграда ќе се внесуваат и ќе се следат. Исто така, направена е и корелација со инвестициите во тие објекти. Во рамките на проектот „Бенефит“, Општината заедно со Јавното претпријатие за урбанизам ги мапираа сите објекти во нивна сопственост од аспект на нивните перформанси. Потоа на менаџерите во општината ќе им биде полесно да одлучат каде треба следно да инвестираат, да видат каде се најголеми трошоците за енергија во установите под нивна надлежност, но и да видат дали има неодговорно работење.

Доколу се извршила инвестиција во некоја установа, а понатаму софтверот ги идентификува со високи трошоци, значи некој неодговорно се однесува, па ќе може да се реагира. Дури и граѓаните преку новиот веб-портал ќе можат да ги проверуваат своите објекти дали им се енергетски ефикасни, за колку години ќе им се врати новата инвестиција – истакна проф. д-р Игор Неделковски, од институтот „Гаус“.
Во рамките на проектот, кој имаше и воспитен карактер, учествуваа деца од основните училишта, кои преку интерактивна работилница учеа и твореа во Градскиот парк во Битола на темата „Што е тоа енергетска ефикасност?“ Неделата на енергетска ефикасност се затвори со организирање отворен ден на проектот „Бенефит“ и презентација на реализираното во рамките на проектот.