Новите технологии играат одлучувачка улога во „реконструкцијата“ на минатото во регионот и промовирањето на важните историски елементи и културното наследство. Една од главните цели на проектот „Кинокултура“ е да ги промовира заедничките културно – историски вредности во прекуграничната област, притоа да создаде услови за подолг престој на туристите во Едеса и Битола.
Со реализацијата на овој проект, општина Битола набави киноопрема, изработи виртуелна презентација на Стариот театар и 3Д-модели на значајни градби од Старата чаршија, а во тек е проширување на вифи-мрежата и опремување на туристичкиот инфо-центар во Битола.

Денес, како дел од проектот, почна дводневна конференција на тема „Туризам и култура“, на која свое обраќање имаа градоначалничката на општина Битола, Наташа Петровска, градоначалникот на Едеса, Димитриос Јани, претставници на проектните тимови од двете општини, ректорот на Универзитетот „Свети Климент Охридски“, Сашо Коруновски, како и други експерти од областа на културата и туризмот.
– Овој проект е многу важен затоа што ги зајакнува нашите меѓусебни врски и пријателството со грчкиот народ. Се надевам дека набрзо ќе ја надминеме кризата со пандемијата, да се видиме во подобри услови, затоа што можеби ова техничко поврзување е добро за во овие услови, но секогаш е подобро кога за тоа постојат можности да се видиме и да разговараме во живо. Се надевем дека сите вие ќе ни бидете гости во нашиот град наскоро и дека ние ќе можеме да ја видиме целата убавина на Едеса која добро ја знеме, но никогаш не е доволно уживање во така убав град.
Се надевам дек овие денови ќе се развие квалитетна дискусија и ќе се донесат добри заклучоци за понатамошните чекори – рече градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, на денешното отворање на конференцијата.
Во рамките на дводневната конференција се врши обединување на прекугранични и национални претставници од областа, граѓанското општество, јавните власти и образованието со цел да се истражат и дискутираат можностите и силните страни во врска со одржливото зајакнување и понатамошниот развој на културата и туризмот. Организатор на конференцијата е општинското претпријатие ДИКИДЕ од Едеса.
Проектот се реализира во рамките на ИНТЕРЕГ ИПА Програмата за прекугранична соработка, помеѓу Р. Грција – Република Северна Македонија 2014-2020.
М.М.