Се поставуваат нови полиетиленски цевки со пречник од 90 милиметри

Кочани

Во Општина Кочани поради дотраеност и појава на чести дефекти, комуналното јавно претпријатие „Водовод“ менува дел од главната водоводна линија за селото Бели.
– Работите се изведуваат на потег во должина од 130 метри на улицата Страшо Ербапче, од препумпната станица кон крстосницата со регионалниот пат што води за Пониква. Се поставуваат нови поквалитетни полиетиленски цевки, со пречник од 90 милиметри и издржливост на притисок од 16 бари – соопштува Андреј Киров, директор на КЈП „Водовод“.

Според Киров, во приоритетните места каде што се планираат интервенции на водоводните линии се селата Тркање, Грдовци и Прибачево, а во Кочани – водоводната линија на улицата Охридска.
Одговорните служби во Општина Кочани информираат дека за да се подобри квалитетот на водоснабдувањето, до Министерството за транспорт и врски е поднесен проект за замена на главниот потисен цевковод од бунарите во Грдовски Орман во должина од 2.250 метри. Одобрените средства од Владата би овозможиле поефикасно функционирање на системот и намалување на загубата на водата за пиење.