Битола
Јавното претпријатие „Пазари“ во Битола со сопствени средства изгради фотоволтаици, кои ќе произведуваат струја за потребите на претпријатието и за затоплување на управната зграда. Реализира дури пет еколошки проекти, кои не значат само заштита на животната средина туку и поефикасно работење.
ЈП „Пазари“ е едно од ретките претпријатија во државата, кое во иднина не само што на „пазарот“ нема да „купува“ електрична енергија туку ќе може дури и да продава. Оваа инвестиција подоцна ќе значи голема заштеда и намалени трошоци за претпријатието.
Јавното претпријатие „Пазари“ во Битола е најдобар пример што го потврдува правилото дека доколку се има добра идеја и желба, многу работи не само што можат да се променат туку можат и да се направат подобри и поефикасни. Благодарение на иницијативноста и ангажираноста на менаџерскиот тим, ова јавно претпријатие, кое пред само две три години едвај опстојуваше и се бореше со (не)ликвидноста, не само што ги надмина проблемите туку претставува најдобар пример како може да се решаваат проблемите и со сопствени средства да се реализираат многубројни зафати и инвестициони проекти.
– Како јавно претпријатие долго време анализиравме и размислувавме како да го направиме нашето работење не само подобро туку поекономично и поефикасно. Следејќи ги европските трендови за еколошки проекти, одлучивме во целост да го смениме начинот на осветлување и греење и не само да ја смениме електричната инсталација туку и да поставиме фотоволтаици за сопствено производство на електрична енергија, која покрај тоа што ќе го подобри начинот на осветлување и греење, туку наедно и ќе ги намали трошоците – вели директорот на ЈП „Пазари“, Владимир Атанасовски.
Следејќи ги европските трендови, ЈП „Пазари“ само за две години реализира дури пет проекти, кои покрај тоа што му донесоа доста заштеди, во голема мера и го подобрија финансиското работење на претпријатието. Тоа што особено радува е што сите пет реализирани проекти се еколошки и придонесуваат за заштита на животната средина.
Во настојувањето во целост да го смени начинот на работење ЈП „Пазари“, откако пред тоа постави нови тезги и смени дел од покривната конструкција, во целост го смени и осветлувањето во градскиот зелен пазар, кој сега се осветлува со штедливи лед-светилки.
На тој начин не само што се заштедува електрична енергија туку и се подобри осветлувањето во пазарот. Круна на успешното и инвентивно работење на ЈП „Пазари“ е целосното реновирање и реконструирање на Управната зграда, која иако ја задржа автентичноста, целосно доби сосема нов лик.
Имено, Управната зграда, која се наоѓа во самиот пазар, е заштитена како споменик на културата. Покрај тоа што е во целост сменета дрвенаријата на зградата и фасадата, таа доби и комплетно нов начин на затоплување, а нова ПВЦ-дрвенарија е поставена и во сите дуќани со кои стопанисува ЈП „Пазари“.
Претпријатието мошне успешно стопанисува и во ситуација кога се соочува со пандемијата на коронавирусот. За да се заштитат продавачите на тезгите и граѓаните што пазарат на двата битолски пазари, ова претпријатие покрај тоа што постојано го мие и дезинфицира целиот пазар, веќе подолго време на сите продавачи и купувачи им дава бесплатни маски.
– Иако со појавата на пандемијата и драстично намалениот број на луѓе што продаваат или купуваат во пазарите во голема мера се намалија нашите финансиски резултати, сепак ние настојуваме не само да ја одржуваме нашата ликвидност туку благодарение на нашите многубројни донатори да помогнеме и во заштитата на продавачите и купувачите – вели Владимир Атанасовски.
Инаку да потсетиме, претходно со новиот градски пазар во Битола стопанисуваше приватна фирма, која го доби тендерот за јавно-приватно партнерство. За цел период додека приватната фирма, која за симболична сума ја доби концесијата и стопанисуваше со пазарот, не само што не инвестираше ни еден денар во одржувањето и обновувањето туку едноставно таа целосно го запушти пазарот. Граѓаните долго време бараа Општината да му ја одземе концесијата на приватниот концесионер, но општинското раководство не го направи тоа.
Подоцна по смената на локалната власт Општината одлучи со пазарите во Битола да стопанисува ЈП „Пазари“, а резултат на таквата одлука се целосно сменетиот лик и профитабилниот начин на работа.