КИЧЕВО

Откако пред нецели три години беа пуштени во употреба новоизградената пречистителна станица за фекални отпадни води и првата фаза од колекторскиот систем, Министерството за екологија и Канцеларијата на ЕУ во Македонија ја објавија јавната набавка за обновување и проширување на канализациската мрежа во општината Кичево.
– Со 14 милиони евра ќе започне втората фаза од овој мегапроект, кога ќе бидат изградени цевководи и колекторски систем, во кој ќе бидат опфатени делови од градот Кичево, од МПИ „Жито Караорман“ до пречистителната станица и канализациската цевка што поминува низ коритото на реката Сушица, потоа селата Грешница, Колибари, Зајас Џума, Зајас Челикај и Укај, Премка, Шутово, Другово и Србјани, или 15.000 жители – вели Зенел Јонузи, директор на јавното претпријатие „Комуналец“, кое стопанисува со овој капитален објект.
Тој наведе дека во овој систем ќе бидат вклучени и други села што веќе имаат изградено систем за отпадни води и се поврзани со главната мрежа, што ги носи до филтер-станицата, а се работи за селата Горно и Долно Строгомиште, Гарани, Црвивци, Трапчин Дол и Мамудовци.

Јонузи посочува дека Кичево е првата општина што обезбеди средства за изградба на втора фаза од колекторскиот систем.
– Општина Кичево е првата и засега единствена општина во земјава што ги добива овие средства, кои ќе бидат наменети за обновување и проширување на канализациската мрежа. И овој голем проект е во интерес на граѓаните на општината Кичево, како и претходниот, во кој беше вклучена и пречистителната станица за отпадни води – додава Јонузи.
Со реализацијата на овој проект може да се очекува реките од овој регион да бидат многу почисти и побогати со риба, што досега не беше случај. Спортските риболовци од Кичево очекуваат токму со пречистувањето на отпадните води да се подобри квалитетот на водата во реките, што ќе овозможи и збогатување на рибниот фонд во нив.
– Намерата е да се обезбедат чисти реки, реки без отпад и со прочистена вода. И затоа вложуваат толку средства во екологијата и за зачувување на чиста животна средина. Од овие зафати очекуваме и ние спортските риболовци во општината да имаме одредена корист, бидејќи со подобрениот квалитет на отпадните води очекуваме да се зголеми и рибниот фонд во реките. Дали сме во право или не, ќе покажа времето – вели Мире Ночески, спортски риболовец и поборник за чисти реки во општината.