Фото: Зоран Антоски

Традиционално во периодот на месеците јули и август, кога во земјава на годишен одмор доаѓаат печалбарите родум од овие краишта, на Кичево му се случува сообраќаен колапс. Во тие шеесетина дена, бројот на патнички возила во градот барем двојно е зголемен, а недоволниот капацитет на улиците и паркинзите е проблем кој во овие месеци на сите им создава големи главоболки.

Не се критични само главните сообраќајници, туку во сите делови на градот автомобили има паркирано на секој чекор, а жителите во зградите во овој период ни за своите возила не можат да најдат паркинг, поради наглиот пораст на автомобили во градот.

– Нашиот град во времето кога се градела патната инфраструктура не бил димензиониран за толкав број на патнички возила и едноставно недоволниот капацитет е проблем за непречено фунционирање на сообраќајот. Се случува во денови да вртиме повеќе кругови низ градот, додека најдеме место за паркинг. Но веќе сме навикнати на ваков метеж во летото, кога во родниот крај доаѓаат печалбарите – велат граѓани кои живеат во средиштето на градот и кои секојдневно се соочуваат со недостиг на паркинг места.

Сообраќајната полиција вложува максимални напори што побезболно да го реши овој проблем.

З.А.