По неколку години тужење, помеѓу скијачкиот клуб Пелистер и општина Битола, Случајот „Копанки“ се враќа на почеток. Вишиот Управен суд донесе пресуда, со која ја
прифати жалбата на клубот против пресудата на Управниот суд Скопје, од 24 декември 2020 година, со која на скијачкиот клуб Пелистер му беше одземен планинарскиот дом
Копанки.

Со пресудата на Вишиот Управен суд поништено е и решението на Министерството за транспорт и врски, кое ја одби тужбата на скијачкиот клуб Пелистер против
решението на градоначалничката на Битола, Наташа Петровска од 21 октовмри 2019 година, со кое урбанистичката согласност за бесправен објект, дадена од поранешниот
градоначалник Владимир Талески од 7 јули 2015 година, таа ја прогласи за ништавна.

Скијачкиот клуб Пелистер против решението на градоначалничката Петровска за поништување на урбанистичата согласност поднесе жалба до Министерството
за транспорт и врски, кое истата ја одби и го потврди решението на Петровска.

На ваквото решение на Министерството за транспорт и врски, скијачкиот клуб Пелистер поднесе жалба до Управниот суд, кој го потврди решението на Министерството за транспорт и врски. Против таквото решение, скијакиот клуб Пелистер се жалеше и до Вишиот управен суд, кој деновиве донесе пресуда со која ги поништи решенијата и на
Министерството за транспорт и врски и Управниот суд и предметот го врати на повторно судење.

Според решението на Вишиот управен суд единиците на локалната самоурава се тие кои на лице место го утврдуваат правниот статус на бесправниот објект, кој е предмет на легализација и за тоа се изготвува записник и фото-документација.

Така по неколку години судења случајот „Копанки“ се враќа на самиот почеток.

За тоа време додека скијачкиот клуб Пелистер и општина Битола се тужат околу тоа чија е сопственоста на домот планинарскиот дом „Копанки“ стои руиниран без да биде обновен по пожарот што го зафатаи пред речиси една деценија, што предизвикува револт кај битолчани. М.М.