Силно невреме со силен дожд и ветер го зафати Преспанскиот регион, информираат од Центарот за управување со кризи.
Како што додаваат од таму, погодени се селото и автокампот Крани, како и Претор и Наколец.
-Од невремето има паднати дрвја, бандери и во прекин е електричната енергија. Во автокампот има паднати дрвја врз камп приколки и истите се оштетени. Луѓето кои престојувале во нив се згрижени кај соседите и нема повредени- се наведува во соопштението.
Од невремето зафатени се и селата Долно Дупени, Сливница и Љубојно.
Во село Љубојно има паднати дрвја од кои има оштетени куќа и автомобил, а во село Наколец паднато дрво го препречило локалниот селски пат.
Од Центарот за управување со кризи напоменуваат дека повеќе преспански села – Долно Дупени, Крани, Сливница, Претор, Љубојно и Наколец се без електрична енергија.
На терен се испратени припадници на итните служби кои работат на расчистување на патиштата.
Од Управата за хидрометеоролошки работи велат дека вечерва времето насекаде е облачно со врнежи од дожд, кои во Гевгелија и Битола се проследени со појава на грмежи.
Поинтензивни процеси биле регистрирани во југозападниот дел од земјата, поточно над Охридско и Преспанско Езеро.