Иако сме на почетокот на април, регионалниот пат Маврово – Галичник, низ планината Бистра, се` уште е затрупан со снег и не е прооден за сообраќај.

На иницијатива на месната заедница Галичник, од пред три дена механизацијата на ЈП „Македонија-пат“ ангажирана е во расчистување на снегот и успејаа 4,5 километри да го оспособи за сообраќај. Ако продолжат со ова темпо на чистење на снегот, и доколку се зголемат дневните температури на воздухот, до почетокот на продолжениот празничен викенд (четврток) патот ќе биде оспособен за нормално да се одвива сообраќајот.

Снегот ќе биде расчистен од сите 15 километри, галичани и љубителите на природата со автомобили да пристигнат во Галичник, да минат незаборавни мигови низ планината Бистра и на прошетка низ околните излетнички места.

– ЈП за државни патишта го прифати нашето барање за чистење на снегот од регионалниот пат Маврово – Галичник, во должина од 15 километри, каде на неколку места дебелината на снежната покривка изнесува и до 10 метри. Најкритично и најтешко за чистење на снегот ќе биде на месноста Царева Чешма – ни вели Александар Костиќ, претседател на месната заедница Галичник и додава: Исто така, дебелината на снежната покривка е повисока кај бачилото Смрдливи вирови, Врчец и кај фудбалското игралиште. Во текот на денешниот ден на планината Бистра паѓаше снег, но тоа не влијаеше врз екипата што го чисти снегот, работеше со исто темпо без прекин.

Секоја пролет снегот од регионалниот пата низ планината Бистра за Галичник се расчистува со механизација. Инаку, и зимава љубителите на Галичник доаѓаа пешки од долнореканското село Јанче по Скала за околу честири часа.

К.К.