Општина Струмица и ЈПКД „Комуналец“ денеска почнаа заедничка акција за чистење на големи диви депонии.
Според информации од комуналното претпријатие се очекува да се соберат околу 600 кубни метри отпад. Во чистењето на депониите се вклучени четири машини за товарење на отпадот и 12 камиони.
Градоначалникот на Струмица, Коста Jаневски упати благодарност до компаниите кои со своја механизацијата се вклучија во акцијата за расчистување на дивите депонии.
-Не постои оператива која може сама да ги исчисти овие депонии и затоа упатувам апел до сите кои сакаат да се вклучат во оваа наша голема акција со механизација или работна рака дека се добредојдени. Ова не е само акција за чистење на дивите депонии, туку ќе биде и една поголема кампања која oпштина Струмица ја замисли и во однос на едукацијата на граѓаните за начинот на кој треба да се однесуваме кон природата. Една кампања кон помладите генерации, кои верувам дека имаат поголемо чувство за чиста животна средина отколку ние повозрасните – рече градоначалникот Јаневски при обиколката на трите диви депонии кои денес се чистеа.
Додаде дека акцијата ќе продолжи и во наредните денови.
Денеска се чистеа дивите депонии до патот Струмица-село Вељуса, кај селото Водоча, на влезот во село Просениково и кај гробиштата во село Добрејци.