На четирите детски игралишта што се градат во Кочани и во Грдовци се изведуваат работите за поставување јавно осветлување.
Во најнапредна фаза се активностите на игралиштето на улицата 1 Мај, во Белското Маало, каде што ќе бидат поставени осум канделабри и еден столб за јавно осветлување.
– На ова игралиште, кое е со површина од 900 квадратни метри, се поставени клупите и се засадени зимзелени и листопадни садници. Овој простор ќе добие и летниковец, а наскоро ќе бидат поставени и реквизитите за забава, тобогани, нишалки, клацкалки и друга опрема за игра и забава на децата – информираат од Општина Кочани.
Надлежните велат најголема површина од 1.150 квадратни метри за детско игралиште се уредува во населбата Драчевик, во непосредната близина на локацијата за новата детска градинка. Спроти Ветеринарната станица се завршува мала инсталација, а на влезот во селото Грдовци игралиштето е на 720 квадратни метри, површина што веќе е уредена и на која наскоро ќе се постават детските играчки и летниковецот.