ШТИП
Градоначалникот на Општина Штип, д-р Сашко Николов, изврши увид во градежните активности во СОУ „Славчо Стојменски“. Оваа година во ова училиште од буџетот на Општина Штип се вложени шест милиони и 800 илјади денари, од кои за реконструкција на спортското игралиште во составот на училиштето се инвестирани два милиони и 800 илјади денари.
-Набавени се наставно-образовни помагала во висина од еден милион и 400 илјади денари, со што училиштето е обезбедено за дигитален вид настава. Извршена е демонтажа на дотраената подна површина на 12 училници со поставување нов паркет и ламинат во висина од еден милион и 230 милиони денари – информираат во Општината.
Оттаму додаваат дека се извршени и набавка и монтирање на нови прозорци, со што целото училиште е обновено заради поголема енергетска ефикасност. Оваа инвестиција е во висина од 341 илјада денари.
– Во сите училишта се променети старите неонски светилки и се поставени нови лед-диоди и лед-панели со штедливост до 50 отсто за разлика од претходните неонски светилки и инвестицијата е во висина од 565 илјади денари. Набавен е и нов мебел во висина од 100.000 денари, а исто така е обновен и библиотечниот фонд со 300 нови примероци на лектири и дела во висина од 90 илјади денари. Со овие инвестиции значително ќе се подобрат условите за учење на учениците и за престој на наставниот кадар – велат оттаму.