ПРИЛЕП
Паралелно со реконструкцијата на булеварот Гоце Делчев, во Прилеп се врши замена на старата водоводна бетонско-азбестна мрежа со нова, полиетиленска. На потегот од некогашната Градска кафеана до ЦК „Марко Цепенков“, во должина од околу 280 метри, ЈКП „Водовод и канализација“, со сопствени средства во висина од околу 100.000 евра, врши реконструкција на водоводната мрежа стара 65 години.
– Пред да се изврши реконструкција на булеварот Гоце Делчев, од страна на Општина Прилеп ќе биде реконструирана водоводната линија со дијаметар Ф-315 во должина од околу 280 метри. Оваа линија е градена во 1955 година и ова значи промена на старата бетонско-азбестна мрежа со современи полиетиленски цевки. За да се реконструираат во целост главните линии во градот, кои се сместени во централното градско подрачје, ќе биде реконструирана и линијата од улицата Ленин до раскрсницата на булеварот Гоце Делчев со улицата Кузман Јосифоски-Питу.
Во продолжение ќе биде изградена нова секундарна линија со дијаметар 110, за да можат да се прифатат приклучоците, за да не се врзуваат на главната водоводна линија според европските стандарди – вели Емил Јанески, директорот на ЈКП „Водовод и канализација“.
Истовремено се работи и на повеќе други локации во градот, односно се реконструираат водоводните линии на улиците Крушевска и Драган Талески, а се врши зацевување и во индустриската зона Металец.
Инаку, состојбата со водоснабдувањето на градот е стабилна, иако опаѓа штедроста на изворот Студенчица. За Прилеп доаѓаат околу 210 литри во секунда, што е доволно за нормално водоснабдување на градот.
– Во овој момент штедроста на изворот Студенчица е некаде околу 700 литри во секунда. Во континуитет ЈКП „Водовод и канализација“ ја следи состојбата и доколку има потреба ќе бидат пуштени во употреба и бунарите, за што граѓаните ќе бидат навремено информирани. Бунарите се исчистени, проверена е водата од страна на Центарот за јавно здравје и таа е исправна за употреба – нагласи Јанески.