Во Битола од пред неколку дена во тек се реконструктивните работи на пристапниот пат, односно т.н. „Римски пат“ кој води до античкиот локалитет Хераклеа Линкестис.
Според проектот на оваа делница, асфалтната покривка на коловозот е отстранета и заменета со коцка од гранитен камен заради автентичност на изгледот. Од десната страна на пристапот до локалитетот, од поситен гранитен камен е предвидена пешачката патека која ќе биде осветлена со фотоволтаични светилки по целата должина до влезот на „Хераклеја Линкестис“.
Градежните зафати на оваа локација се во рамките на проектот Смарт-кул-тур, кој се спроведува во рамките на Програмата на Европската комисија за прекуграничната соработка помеѓу Македонија и Албанија, со инструментот ИПА 2 за 2014-2020 година.
Општина Битола како водечки партнер во проектот ја спроведува активноста за реконструкција на пристапниот пат т.н. „Римски Пат“ до локалитетот. Исто така, во рамките на проектот се подобри инфраструктурата во археолошкиот локалитет „Хераклеа Линкестис“ во Битола, а од албанска страна се реконструираше постоечката стара училишна зграда, во која ќе има поставка на Стерјо Спасе во село Глобочани, Општина Пустец. М.М.