Македонска Каменица
Општина Македонска Каменица и покрај кризата предизвикана од ковид-19 продолжува со градежните зафати за пробивање и изградба на локалниот пат, кој треба да ги поврзе селата Луковица и Косевица. Надлежните од локалната самоуправа велат дека нема да се откажат од реализација на вакви капитални објекти, кои овозможуваат меѓусебно поврзување на селските средини за забрзан економски развој. За изградбата на оваа делница, Општина Македонска Каменица од својот буџет издвои 14.093.427 денари.
Градоначалничката на Македонска Каменица, Соња Стаменкова, лично веќе извршила увид во градежните работи за изградба на овој локален пат за поврзување на двете села Луковица и Косевица и, како што самата вели, се работи на пробивање на трасата долга 1.960 метри. Паралелно на овие активности, Општина Македонска Каменица во соработка со ЈП „Камена Река“ врши уредување на постојната подземна водоводна и канализациска мрежа.
– Постојат тешкотии со кои се соочуваме при реализацијата на инфраструктурните проекти поради појавата на заразата со ковид-19, но од економскиот оператор што ги изведува градежните работи добив уверување дека предвидената динамика за реализација на проектот ќе биде задржана и истиот тој ќе биде завршен во најкраток можен временски рок – вели градоначалничката Стаменкова.
Таа нагласува дека со изградбата на овој локален пат се овозможува полесен пристап до домовите на жителите од овие две села, како и олеснета миграција на населението од една во друга рурална средина. Со реализацијата на овој проект се реализира уште една програмска определба за директно помагање на локалниот економски развој во руралните средини од Македонска Каменица.