ОХРИД
Како дел од координираните активности за навремено спроведување на сите потребни подготовки во пресрет на новата учебна година, градоначалникот на Општина Охрид, Константин Георгиески, заедно со надлежните општински служби се состана со директорите на основните и средните училишта од подрачјето на општината.
На состанокот се разговараше за сите тековни инвестиции и реконструкции што се реализираат во училишните објекти, како и за идните проекти што Општина Охрид ги планира во насока на подобрување на условите во образовните институции.
– Освен за одредбите од планот за одржување на наставата во основните и средните училишта во учебната 2020/2021 година, кој го утврди Министерството за образование и наука, на состанoкот се разговараше и за сите интервенции што треба да се преземат за осовременување на постојната интернет-инсталација во училишните објекти и за набавка на дополнителна компјутерска опрема во согласност со потребите – велат од општината.
Инаку, Општина Охрид веќе подготви преглед за спроведување на воспитно-образовниот процес според сите протоколи за време на пандемија и врз основа на барањата од училиштата за настава со физичко присуство, за учениците од четврто до деветто одделение и за учениците од средните училишта. Овој преглед со барања, општината го достави до комисијата фoрмирана од Владата, која треба да донесе одлука во кое училиште ќе може да се организира наставата со физичко присуство. Барањата за организирање настава со физичко присуство, охридските училишта ги имаат направено врз основа на просторните услови, бројот на учениците и анкетите на родителите, кои биле спроведени во текот на изминатиот период.