Градоначалникот на Гостивар најави дека еден од објектите на старата касарна ќе се користи за стационар за згрижување на бездомни кучиња. Треба да се градат посебни „боксови“ каде ќе се сместуваат и третираат животните. Веќе се составува и екипата во која ќе има и стручни лица.
-За заловување ќе биде задолжена шинтерска служба, а за вакцинирање, стерилизирање и обележување на кучињата ќе бидат ангажирани ветеринари. Тие ќе прават кастрација и стерилизација на животните. Исто така ќе им се поставуваат микрочипови во кожата и знак на увото да знаат граѓаните дека немаат заразна болест и нема да ги напаѓаат. Се надевам дека ќе биде регионален центар за третирање на кучиња скитници-рече Таравари.
Прифатилиштето ќе има капацитет од 20 кучиња. Доколку подготовките течат според планираното, стационарот би се отворил кон крајот на следниот месец. Во тендерската документација е наведено дека за оваа намена во период од една година ќе бидат издвоени 1,2 милиони денари. Годишно по дваесетина гостиварци бараат лекарска помош поради повреди од напади од кучиња.