БИТОЛА

Општина Битола во изминатиот период реализира голем број инфраструктурни и други програмски активности за подобрување на животот на лицата со физичка попреченост. Покрај приспособувањето на 17 локации на улицата Партизанска, каде што е направено спуштање на тротоарите, како и активностите што се во тек на други улици, деновиве продолжи изградбата на пристапни рампи на сообраќајниците, за олеснување на движењето на инвалидизираните лица.

Со средства на локалната самоуправа е завршено и уредувањето на пристапот на улица во населбата Девеани. Сите активности, според информациите од локалната самоуправа, се реализираат од програмата за социјална заштита на граѓаните на Битола за оваа година.

Во согласност со објавениот јавен повик за искористување средства за адаптација, изградба или поставување инфраструктура и опрема за физичка пристапност во домот на лицата со попреченост, на петте апликанти што аплицираа на повикот, деновиве им се исплатени 150.000 денари, за надминување на досегашните бариери, кои значително им го отежнувале животот. Со добиената финансиска поддршка, на апликантите им е овозможено поставување на портабилни рампи, како и адаптации на санитарни јазли и замена на врати со пошироки, без праг.

Инаку, како што информираат од Општината Битола, јавниот повик, за кој се обезбедени 1.000.000 денари, е отворен во текот на целата година, до целосно искористување на средствата. Во настојувањата да се елиминираат бариерите за лицата со физичка попреченост, по иницијатива на градоначалничката Наташа Петровска, со средства од над 1.500.000 денари, Општина Битола неодамна обезбеди лифт за влез во општинската зграда и изврши целосна санација и адаптација на тоалет наменет за лицата со тешкотии во мобилноста.

Исто така, се направи и пристапна патека во салата на Советот на Општина Битола, со што првпат се овозможи влез во салата за лице што користи количка, присуство на состаноци и учество во процесот на носење одлуки.

Општина Битола инвестира и во пристапност до Дневниот центар за лица со телесна и интелектуална попреченост. Неодамна преку проектот „Смарт кул тур“, финансиран од ИПА-програмата за прекугранична соработка, направена е пристапност и до археолошкиот локалитет Хераклеја. Дополнително, со инвестиција од 2.700.000 денари, преку проектот „Зајакнување на општинските совети“, финансиран од УНДП, Општина Битола на четири локации ги збогатени можностите за детски креативно-рекреативни активности, преку изградба на детски инклузивни паркови и детски креативни игралишта, а во својот возен парк обезбеди уште едно транспортно возило минибус, наменето за лицата со попречености.