КАРПОШ
Град Скопје почна со втората фаза од реконструкција на булеварот Никола Карев, на потегот од крстосницата кај касарната „Илинден“ до Момин Поток. Ќе биде коловозот обновен во должина од 980 метри, но предвидено е и проширување на оваа фреквентна сообраќајница, која ќе има четири ленти, со широчина од 3,5 метри.
По должината на улицата ќе се засади и зеленило, а планирани се и велосипедски патеки од двете страни. Булеварот ќе биде осветлен и ќе биде поставена атмосферска канализација.
– Имајќи предвид дека ова е еден од пофреквентните булевари, со проширувањето и обновата тој повеќе нема да претставува тесно грло во сообраќајот. Овој инфраструктурен проект е во насока и на определбата на Општина Карпош и Град Скопје за развој на периферните делови. Општината веќе има донесено ДУП за развој на делот кај касарна „Илинден“ и пренасочување на урбанизацијата од урбаното јадро кон периферијата. Само со развој на страничните делови (периферијата) можеме да обезбедиме подобар квалитет на живот, одржлив развој на Скопје и „ослободување“ на централните населби од пренаселеност, метеж, нехигиена – рече Богоев.
Во изминатиот период, на територијата на Карпош, Град Скопје реконструира и поголем дел од булеварот 8 Септември, а се обнови и улицата Никола Парапунов во Карпош 4.
Богоев посочи дека локалната самоуправа заврши со реконструкција на Ловќенска 4 во Козле, каде што се направи и потпорен ѕид. Исто така, асфалтирани се трите пристапни краци од улица Вич во Карпош 4, како и паркинг-просторот на Атинска кај „Млечен“.
Во претстојната 2021 година ќе се реконструираат и улиците Париска (Тафталиџе), Иван Аговски и Гиго Михајловски во Карпош 1, како и Шекспирова и Мирка Гинова во Карпош 2.