ГЕВГЕЛИЈА

Во општината Гевгелија во тек е реализацијата на неколку проекти за проширување и подобрување на локалната патна мрежа. По завршените тендерски постапки и потпишаните договори со изведувачите, на неколку локации во Гевгелија и во населените места се изведуваат активности за изградба, реконструкција и бетонирање улици и краци. Во станбената населба Караорман во Гевгелија се градат две нови улици, во стопанската зона Ракита исто така две пристапни улици, а изведбени работи за бетонирање улици и краци се вршат и во неколку населени места. Деновиве ќе почне и пролетната акција за бетонирање, односно уредување со бекатон на повеќе тротоари во Гевгелија и во другите населени места.
– Покрај овие редовни инфраструктурни активности, предвидени со годишните буџетски програми, почнува и реализацијата на капиталните инвестициски зафати, кои главно се реализираат со грантови. Станува збор за вкупно 3,8 милиони евра грантови, средства со кои значително ќе бидат подобрени патната и комуналната инфраструктура во Гевгелија – велат од Општината.

По завршениот тендер, во Министерството за транспорт и врски, преку кој всушност се реализира доделениот грант на Општина Гевгелија од 900.000 евра од Светската банка, привршуваат подготвителните активности за изградба на улицата Методија Антонов-Ченто во Мрзенци. Со тоа почнува и реализацијата на првата фаза од овој грант, кој се планира да биде наменет, исто така, и за изградба на западниот булевар.
– Пред потпишување е и договорот со изведувачот за ревитализација на старата депонија кај Сува Река, по завршената тендерска постапка што ја водеше Министерството за животна средина. Како што е познато, донатор на 420.000 евра за реализација на овој проект е грчката влада, така што во најскоро време се очекува договорот да биде потпишан меѓу грчката амбасада во нашата земја, Швајцарската агенција за развој и Министерството за животна средина – информираат оттаму.
Од општината додаваат дека тоа ќе значи и почнување на изведбените работи за дислокација на старата депонија и нејзина ревитализација.

– Во завршна фаза се и подготовките за реализација на грантот од германската влада преку банката КФВ, за поквалитетно водоснабдување и сепарација на атмосферската од фекалната канализација. Меѓународниот тендер за реализација на капиталните проекти, во вредност од 2,5 милиони евра, треба да го распише ЈПКД „Комуналец“, по согласноста за тендерската документација од страна на меѓународниот консултант, која се очекува да се обезбеди наскоро – велат од Општината.