Ќе ги вратат ли кампањите против вакцините за заушки и мали сипаници? Процентот на вакцинирани деца од ММР вакцина, конкретно Штип, со години се намалува, алармираат од јавното здравство.
-Процентот за ММР вакцината е околу 85 и паѓа последните три години што е резултат на антивакциналните кампањи. Состојбата со вакцинацијата со другите вакцини е добра и е над 95 отсто, вели Наталија Дечовска, ЈЗУ Здравствен дом – Штип.
За процентот да се зголеми, општина Штип организираше вакцинација за околу 80 дечиња Роми, по повод Неделата на имунизација.
-Општината организира систематски прегледи и вакцинација на околу 80 дечиња, од кои 60 се сместени во старото нервно одделение, а 20 се од населбата Каваклија, рече Беами Шакиров, референт за односи со заедниците.
Дечињата од ромските семејства до неодамна беа едни од оние кај кои процентот на вакцинација беше релативно мал, но состојбата сега е далеку подобрена.
-Нашите анализи покажуваат дека има подобрување во одделот за вакцинација кај ромската популација, изјави Ерол Адемов, општина Штип.
Дека е така, потврдуваат и дел од родителите.
Јас имам девет деца и редовно ги вакцинирам, вели Камбери Мерем.
Инаку, препорака од Светската здравствена организација за колективен имунитет на населението е вакцинација над 95 проценти.
Д.Ф.