ОХРИД

По интензивните и сложени градежни активности, кои течеа после­дователно околу 13 месеци, неодамна започна поставувањето на вториот асфалтен слој на коловозот на улицата Абас Емин, со што целосно се комплетира реконструкцијата на една од најважните сообраќајници во Охрид. Градоначалникот Константин Георгиески ги посети работните екипи што беа ангажирани на терен и работеа на потегот од пресекот со улицата Охридска бригада до пресекот со улицата Железничка.

– Охриѓани знаат дека со реализацијата на овој проект, успеавме да покажеме вистинска грижа за најприоритетните инфраструктурни потреби и дека имаме капацитет за решавање на децениските проблеми. Охриѓани знаат дека реконструкцијата на оваа улица беше ветувана и споменувана од сите претходни градоначалници и локални власти, но досега, никој немаше храброст да го започне и да го реализира овој проект. Реконструкцијата на улицата Абас Емин започна во мај 2020 година, во еден специфичен период на здравствената криза, но и покрај сите проблематични моменти, преку голема посветеност, трпение и исклучителен ангажман на мојот тим, овозможивме непрекинато одвивање на сите предвидени проектни активности и токму затоа, денеска гордо можеме да се пофалиме дека дојдовме до финалето на овој голем и капитален проект – изјави градоначалникот Георгиески при теренскиот увид на улицата Абас Емин.

Проектот за реконструкција на улицата беше поделен на два дела. Во рамките на првиот дел беше извршено поставување на нови главни цевководи на фекалната, атмосферската и водоводната мрежа, со ископ во длабочина од 3,5 метри и ширина од два метри и беше извршено комплетно преприклучување на сите домаќинства од улицата. Активностите за реконструкција на целокупната подземна инфраструктура се реализираа со поддршка на Министерството за транспорт и врски и со средства од Европската банка за обнова и развој.

Вториот дел од инвестицијата на улицата, кој се реализира со средства од буџетот на Општина Охрид, опфаќа комплетна рехабилитација на коловозната лента со соодветно тампонирање на подлогата и поставување два слоја асфалт. Извршено е уредување на пешачките патеки и беше направено нивелирање на шахтите, а набрзо ќе биде извршено и поставување современа хоризонтална и вертикална сигнализација.
Должината на улицата е 1.100 метри, а вкупната вредност на проектот е околу 40 милиони денари.