ПРИЛЕП

Во населбата Точила во Прилеп во полн ек се градежните активности за изградба на нова детска градинка. Градинката ќе се простира на површина од 5.030 квадратни метри и ќе има капацитет за згрижување на 252 деца, со што трајно ќе се реши проблемот за згрижување на децата од предучилишна возраст на територијата на општината Прилеп.
Новоизградениот објект ќе има приземје и кат, партерно ќе биде уреден и функционално поделен, со 10 простории за занимални и три простории за детски јасли.
Градинката, која ќе биде ставена во функција до крајот на оваа година, ќе биде една од најубавите во нашата држава: ќе има централно подно греење и ќе ги исполнува сите современи стандарди за енергетска ефикасност – велат од Општина Прилеп, за што се издвоени 133 милиони денари од општинскиот буџет.
Покрај партерното уредување, од особена важност е тоа што покривот на градинката е предвиден како зелена покривна тераса, со ниска природна вегетација.
– Зелениот покрив овозможува одлична изолација преку целата година и заштеда на енергија. На покривната тераса ќе има сончеви колектори и фотоволтаична постројка за производство на електрична енергија за потребите на самата градинка, а ќе биде инсталирана и воздушна топлотна пумпа, со што значително ќе се намалат трошоците за греење и ладење – велат од Општината.
Објектот ќе има централно подно греење и ќе ги исполнува сите современи стандарди за енергетска ефикасност.