Поради пополнети квоти уште во првата декада од септември, граѓаните на Кичево и регионот не можат да добијат лекови од позитивната листа, независно дали се акутно или хронично болни. За набавка на соодветни лекови мора да причекаат до први октомври, кога се очекува да се нормализира состојбата.
– Уште на 12-ти овој месец во нашата аптека завршија лековите од позитивната листа. Иако секојдневно голем број на граѓани доаѓаат со рецепти, во поголем дел и со хронични болести, ние за жал не сме во можност да им помогнеме бидејќи овој месец добивме најмали количини на лекови од позитивната листа, а причината лежи во фактот што се врши периодично порамнување и затоа количествата лекови се најмали – велат вработените од една аптека во средиштето на Кичево, но иста е приказната и со останатите дваесетина аптеки во градот.
– Овој месец само до средината на септември имавме лекови од позитивната листа и од тогаш сме приморани сите пациенти со уредни рецепти да ги враќаме назад. Им објаснуваме на граѓаните дека количините за овој месец се најмали, а побарувачката е иста како и претходните месеци и тоа придонесе уште во втората половина на септември да останеме без лекови од позитивната листа – велат од друга аптека.
Хронично болните и постарите пациенти не се во можност да ја добијат неопходната терапија со рецепт и се приморани истите лекови да ги купуваат, а има и граѓани чии лекови за акутни болести важат само три дена и на тој начин рецептите им пропаѓаат, а лекови ќе мора да си купат со пари.
– Имам повеќе хронични болести на себе, од срце, до висока реума и притисок, меѓутоа овој месец неможам пропишаната терапија да ја добијам на рецепт, бидејќи квотата за месец септември веќе била пополнета. Не бев информиран дека ќе наидам на вакви проблеми, инаку уште на први ќе се снабдев со неопходната терапија и да бидам мирен до крајот на месецов. Вака, сакал неќел, ќе морам дел од лековите кои ми недостигаат да ги купам по цена на чинење – вели Стојан, пензионер од Кичево.
И така граѓаните од аптека до аптека губат време во надеж дека, сепак, некаде ќе најдат лек од позитивната листа. З.А.