По седми пат во Кичево денеска се одржа Специјалната Олимпијада за деца со посебни потреби. Домаќин на децата од сите градови во земјава беше „Лајонс клубот“ од Кичево, кој беше домаќин и на сите претходни шест Олимпијади. Специјалната Олимпијада за отворена ја прогласи претседателот на „Лајонс кулб“ Кичево, Бобан Димитријоски.
-Почитувани гости добредојдовте на седмата Специјална Олимпијада за деца со посебни потреби. Денес нашата основна цел е да се дружиме, да се запознаеме. Сите што се дел од оваа Олимпијада се победници на истата. „Лајонс клубот“ од Кичево е член на најголемото и најактивно семејство на сервисни клубови во светот со повеќе од 45 000 клубови и 1 300 000 членови и чии почетоци датираат од 1917 година како заслуга на Мелвин Џонс, на кого сите ние кои се препознаваме во мисијата на „Лајонсот“ како движење, неизмерно сме му благодарни – рече претседателот на „Лајонс-клубот“ Кичево, Бобан Димитријоски.
Инаку на денешната Специјална Олимпијада учествуваа над 100 деца со посебни потреби од Скoпје, Битола, Прилеп, Велес, Крушево, Кичево и други градови во земјава, кои ќе се натпреваруваат во повеќе дисциплини прилагодени на нивните здравствени карактеристики.
-„Лајонс клубот“ од Кичево заедно со целиот Дистрикт-132, денес организираат Специјална Олимпијада за деца со посебни потреби. Ова е седма Олимпијада што се одржува во Кичево. Нашата цел е Специјалната Олимпијада, за разлика од претходните, да биде што помасовна и да земат учество деца од целиот дистрик. Денес имаме над 100 учесници на Специјалната Олимпијада кои ќе се натпреваруваат во повеќе дисциплини, каде резултатите се во втор план, а дружењето и запознавањето е прв приоритет – истакна Соња Бојаџиева, гувернер на „Дистриктот-132“.
На Специјалната Олимпијада лицата со посебни потреби ќе се натпреваруваат во фудбал, кошарка и други спортски дисциплини прилагодени за нив.