Со повеќе свечености во манастирот „Света Пречиста Богородица“ ќе биде одбележан големиот верски празник, Илинден. Одбележувањето ќе започне со вечерната богослужба, со почеток во 19 часот, во слава и чест на Свети Илија и тројцата Пречистански, преподобни, великомаченици Светите Евнувиј, Аверкиј и Пајсиј.
Вечерната богослужба ќе ја отслужи Митрополитот Дебарско-кичевски господин Тимотеј, во сослужение со повеќе архиереи. Свеченостите ќе продолжат во текот на самиот ден Илинден, кога во манастирот ќе се соберат и голем број верници од повеќе градови во земјава.
– Одбележувањето на големиот верски празник Илинден, во манастирот „Пресвета Богородиоца Пречиста“ ќе започне со вечерната богослужба, наспроти големиот празник Илинден , која се одржува во чест на тројцата, Пречистански, преподобни Великомаченици, Светите Евнувиј, Аверкиј и Пајсиј, како и одбележување на седумгодишнината од прогласувањето за свети на тројцата монаси кои му служеле на манастирот во 16-от век. Во текот на утрешното претпладне во манастирот ќе се одржи утрена богослужба со почеток во 7.30 часот а од 9 часот ќе започне и Светата архиерејска литургија со која ќе чиноначалствува Митрополитот Дебарско-кичевски и Плаошки господин Тимотеј, во сослужение на повеќе архиереи од Дебарско-кичевската епархија. За овој празник најавени се организирани групи верници од повеќе градови од земјава, а нивното присуство од година во година е сѐ поголемо а се забележува и присуството на верници од сосдството – информира Бошко Сарафилоски, член на црковниот одбор при Дебарско-Кичевската епархија.
З.А.