Една природна појава што во последните неколку години се случува во повеќе наврати беше забележана и во текот на изминативе денови, кога ветровите од повисоките слоеви на атмосферата во нашето поднебје ги донесоа сахарскиот ситен песок и железните оксиди, кои паѓаат на земјата како прав или споени со водените капки, како каллив дожд.
Познавачите на оваа појава посочуваат дека ова не е природна реткост туку се случувала и порано, но од разни причини не ѝ се обрнуваше доволно внимание.
– Кога јужните ветрови од Еквадорска Африка се доволно силни, се случува фини честички од сахарскиот песок помешани со железни оксиди да се подигнат високо во атмосферата и како што струи воздухот така тие се движат и како што слабеат воздушните струења така овие честички ја губат височината и паѓаат на земјата. Ако има врнежи од дожд, тие на земјината површина паѓаат во вид на црвеникава кал што ја добива оваа боја поради присуството на железните оксиди во самите честички. Но ветровите ваквите честички не ги носат само на европскиот континент туку и многу подалеку, во зависност од правецот и силината на ветерот. Така науката потврдила дека во текот на само една година над 300.000 тона фини честички помешани со железни оксиди донесени од Сахарска Африка паѓаат во регионот на реката Амазон во Јужна Америка додека кај нас овие количества се многу помали и што е најважно не се штетни по здравјето на луѓето – вели Коце Наумоски, инженер-технолог и екологист од Кичево.
Овие примеси можеа да се забележат и на посветлата облека на граѓаните и кај оние домаќинства што сушат алишта на отворен простор, а најзадоволни од оваа појава беа автомијачниците, благодарение на сопствениците што имаа автомобили извалкани од калливиот дожд. Нивните газди задоволно ги тријат рацете, бидејќи побарувачката на нивната услуга непланирано порасна.
– Надвор од нашите очекувања, денес имавме зголемен обем на работа пред сѐ поради калливиот дожд што заврна во нашиот регион и по кој автомобилите беа извалкани од исушените калливи капки. Така, сега имаме повеќе работа и повеќе промет благодарение на калливиот дожд – велат сопственици на автомијачниците од Кичево.