Во организација на Сојузот на Здруженија за руско македонско пријателство – Македонија и прилепското МРД, денеска во Прилеп беше амбасадорот на Руската Федерација во Македонија Сергеј Баздникин, кој го посети Институтот за тутун и Музејот за тутун, каде за првпат беа претставени слики изработени од двајца руски автори, кои твореле во 30 години од 20 век.
– Интересно е да се видат активностите со кои се бави овој Институт, да се запознаам со нив. Во кои области би можеле да имаме меѓусебна соработка. Ние ќе се залагаме за натамошно унапредување на соработката со Македонија, а токму тука би можеле соработката да ја прошириме. Интересно е да се видат и изложените слики од руските сликари, а во иднина може и да направиме некоја заедничка изложба – посочи Амабсадорот Сергеј Баздникин.
Директорката на Иститутот за тутун, Гордана Мицеска истакна дека оваа институција е една од најстарите во нашата земја од областа на тутунската наука и струка.
– Денеска ги запознавме гостите со дејноста на институцијата, со организациската поставеност на Институтот, акредитираните лаборатории кои ги имаме пет на број, извештаите кои произлегуваат од нив за квалитетот на тутунот и семенскиот материјал и производствената дејност – рече д-р Гордана Мицеска, директор на Институтот за тутун.
Градоначалникот Илија Јованоски посочи дека ќе се развива соработката и понатаму во повеќе области економски, образовни, културни, при тоа посочувајќи дека Институтот за тутун ги следи светските трендови во производството на ориентален тутун.
Во рамките на посетата беше разгледан Музезјот за тутун каде има преку 3000 експонати за уживање на тутун, а беа претставени 20 слики од руски автори сопственост на Институтот за тутун и Завод и Музеј Прилеп. Ка.М