Со полагање на цвеќиња на рускиот крст на Германските гробишта и панихида, Сергеј Баздникин, амбасадорот на Руската Федерација во земјава, заедно со воените аташеа,
градоначалникот на Прилеп Илија Јованоски, како и на претставници од Созјуот на
македонско-руски друштва на Македонија, денеска го одбележаа 1 Август – Денот на сеќавањата за загинатите руски војници во Првата светска војна.

При тоа амбасадорот Баздникин посочи дека загубите на руската армија, според различни проценки, изнесувале над 2,2 милиони загинати, 3,7 милиони повредени, 3,3 милиони заробени, кои се најголеми загуби во споредба со армиите на другите земји-
учеснички.

– Повеќе од 4,2 илјади војници и офицери на 2-та и 4-та специјална бригада на руската императорска армија, исполнувајќи го својот сојузнички долг во состав на Источната армија на Антанта, ги положиле своите животи на македонско тло. Како и многуте нивни браќа по оружје, тие не се штеделе себеси на боиштата, покажале пример на лична смелост, храброст, хероизам – карактеристики по кои низ вековите е познат рускиот војник. За жал, сè уште не ги знаеме сите нивни имиња. Амбасадата продолжува да
работи на идентификување на гробовите на руските војници, вклучително и овде, во
Прилепско, каде што во 1916-1917 година се воделе жестоки битки… Лекциите од Првата светска војна нè потсетуваат на тоа колку разорни се последиците од поделби во алијанси и политики на конфронтација – рече амбасадорот Баздникин.

Според него стремежот кон мир и конструктивна соработка меѓу државите врз основа наеднаквост и заемно почитување, немешање во меѓусебните внатрешни работи е карактерна особина и на денешната руска надворешна политика.

– Ваквите настани придонесуваат за проширување и зајакнување на билатералните меѓучовечки врски меѓу нашите држави, служат како добар пример за грижливо и внимателно однесување кон војничките меморијали – додаде амбасадорот Баздникин, по оддавањето почит на загинатите херои од Првата светска војна. Ка.М.