ГЕВГЕЛИЈА
Градоначалникот на Општина Гевгелија, Сашо Поцков, заедно со премиерот Зоран Заев, ја посети новата детска градинка во селото Прдејци, каде што наскоро ќе бидат згрижени 20 деца од ова населено место. Од буџетот на ниво на држава се обезбедени 15 милиони евра за нови инклузивни и енергетски ефикасни градинки.
Поцков информира дека за изградба на градинката од општинскиот буџет биле издвоени речиси пет милиони денари, како и дополнителни 900.000 денари за завршните работи. Мебелот и опремата се обезбедени од Министерството за труд и социјални работи.
– Општина Гевгелија постојано финансиски ги поддржува иницијативите и проектите за подобрување на условите за престој, но и за проширување на капацитетите во предучилишното образование. Покрај градинката во Прдејци, која наскоро ќе биде и официјално отворена, сакам да најавам дека годинава во ова населено место ќе се реализира уште еден значаен проект со финансиска поддршка од Владата. Станува збор за Домот на културата, кој ќе биде реконструиран, така што по толку децении граѓаните на Прдејци ќе добијат еден значаен објект – рече Поцков.
Директорката на градинката „Детска радост“ од Гевгелија, Елизабета Стојменова, рече дека во изминативе три години со многубројни проекти и зафати значително се подобрени условите за престој на децата во детските градинки во Гевгелија и во населените места.
– И во услови на пандемија настојуваме да ги прошириме капацитетите и да излеземе во пресрет на барањата на родителите. Така, покрај трите детски градинки во Гевгелија, градинките во Негорци, Миравци, Богородица и оваа во Прдејци, по барање на родителите, отворивме јасли во Миравци. Наскоро очекуваме да биде реализиран проектот за доградба на детската градинка „Сончогледи“ во Гевгелија, со што ќе се обезбедат дополнителни капацитети за згрижување на уште стотина деца – истакна директорката Стојменова.