Реставрација и реконструкција на Саат-кулата и на Градскиот амам

Дојран

Општина Дојран ќе го врати оригиналниот изглед на Саат-кулата и на Турската бања во Стар Дојран, преку реализација на проектот за реставрација и реконструкција на овие два значајни и најважни културно-историски споменици. Проектот ќе се реализира преку ИПА-програмата.
– Саат-кулата претставува архитектонско достигнување од 19 век, што претставува економски и културен просперитет на градот во тој период. За време на Првата светска војна, Саат-кулата и камбанаријата биле срушени, а останале остатоци од кулата до последниот венец. Во рамките на проектните задачи се предвидени реконструкција на Саат-кулата до нејзината оригинална висина. Ќе се инсталира часовникот и ќе се реконструира покривот. Планирано е поставување скали, а ќе се работи и на конзервација и реставрација на ѕидните плочи. Проектот предвидува и хортикултурно уредување на просторот околу објектот.

Со ова ќе ѝ се врати оригинален изглед на Саат-кулата, со што истовремено ќе се заштити овој историски и културен споменик што има посебно значење во однос на туристичката понуда на градот – велат од Општина Дојран.
Надлежните оттаму додаваат дека културно-историското наследство како сведок на постоењето низ годините и вековите ја има улогата на огледало во кое луѓето се самоидентификуваат, ги наоѓаат своите корени и ја делат својата колективна историја. Еден од најзначајните споменици – сведок на обичаите и традициите на луѓето што живееле во овој регион со текот на времето е Турската бања или Градскиот амам во Стар Дојран. Таа е единствената локација од ваков вид во Дојран. Останува непознат датумот на потеклото на оваа зграда, но се знае дека е уништена за време на Првата светска војна, а од тој период постои во форма на урнатини.

И на овој објект се планирани конзерваторски и реставраторски работи на зачуваните делови, а ќе се расчисти и ќе се уреди и околниот простор за да може да се долови неговата автентичност. Од Општина Дојран сметаат дека преку реставрацијата ќе се заштити и овој историски и културен споменик, кој исто така заслужува посебен третман во однос на туристичката понуда на градот. За да се популаризира делот на Стар Дојран, кој е богат со културно-историски споменици и да се олесни пристапот до нив, се предвидува подобрување на инфраструктурата во овој дел од градот.