Покрај покривот, ќе се менува и дограмата на северната страна од објектот

Прилеп

Најпрвин нов покрив, а потоа ќе биде обновена и фасадата на прилепската гимназија „Мирче Ацев“, а се планира и изградба на котларница на гас и нафта. Реконструкцијата на покривот веќе започна, а предвидените градежни работи ќе се реализираат со пари од Министерството за образование и наука, во висина од 14.400.000 денари. Се работи за капитален проект, со кој ќе се подобрат условите за работа и настава во ова реномирано средно училиште во Прилеп. Препокривањето е прва фаза од проектот, а втората е реконструкција на фасадата.
– Во гимназијата е вистинско градилиште. Покрај реконстру­кцијата на по­кривот, следуваат реконструкција на фасадата и промена на дограмата од
северната страна на објектот.

Исто така ќе се средуваат административните процедури за почеток на изградба на новата котларница, која ќе биде прва котларница во општината на гас и нафта, инвестиција вредна над 100.000 евра. Наскоро почнуваме и со реконструкција на водоводната и канализациската мрежа, како и асфалтирање на целокупната асфалтна површина во училишниот двор. Вакви зафати во гимназијата, која како објект е еден од најстарите, немало од поодамна – вели Диме Настески, директор на прилепската гимназија „Мирче Ацев“.
Според него, заокружувањето на целиот проект е планирано за следната година, кога ќе се изврши комплетната реконструкција на внатрешниот дел и на фасадата на предната страна од училиштето.

– Локалната самоуправа за оваа година има издвоено околу 30 милиони денари, средства што сe наменети исклучиво за реконструкција на основните и средните училишта вo општината Прилеп – вели градоначалникот Илија Јованоски.
Реконструкцијата на образовните институции ќе им овозможи нови посовремени и попријатни услови за работа како на вработените така и на учениците, додека престојуваат во нив и ја следат наставата.