Василево
Општина Василево заврши со реконструкцијата на локалниот патен правец Ново Владевци – Сушево, делница што започнува од клучката со магистралниот пат А4 Струмица – Скопје кај Ново Владевци, па до центарот на селото Сушево. Вкупната должина на патот изнесува 1.878 метри, а ширината е околу 4,5 метри.
Патот е целосно асфалтиран со нов асфалт, а изградени се и еден масивен потпорен ѕид и еден цевководен монтажен пропуст. Средствата за овој капитален проект изнесуваат околу 11,5 милиони денари или околу 190.000 евра, а Општина Василево ги обезбеди од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
– Реализацијата на овој локален пат, кој беше во многу лоша состојба, е само доказ дека општината не отстапува од планираните активности и проекти и дека останува доследна на курсот за подобрување на локалната патна инфраструктура, односно заложбата за асфалт до секој дом – вели градоначалникот на Општина Василево Марјан Јанев.
Изведувач на работите на терен беше градежната компанија „Портланд“.