Кочани

Поради намалената раздвиженост на граѓаните, како мерка за справување и заштита од коронавирусот, Општина Кочани го редуцира јавниот градски превоз. Општината ги информира граѓаните дека наместо четири, јавниот градски превоз во Кочани се намалува на две поаѓања во текот на денот. Првото поаѓање ќе биде во утринскиот термин од 7.45 часот, а второто во попладневниот термин од 15.45 часот.

– Промената во термините на јавниот градски превоз ќе трае до завршување на вонредната состојба во државата, по што превозникот има обврска во рок од 15 дена да го приспособи превозот на четирите поаѓања, како и досега. Оваа промена е резултат на преземена построга мерка од Општина Кочани во организирање на јавниот превоз, во согласност со мерките и заклучоците на Владата и Министерството за здравство, за да се заштити здравјето на населението и да се спречи ширењето на коронавирусот – објаснуваат од Општина Кочани.

Надлежните ги повикуваат граѓаните да се приспособат кон актуелните мерки за борба против ширењето на болеста ковид-19, да се однесуваат совесно и одговорно кон сопственото и кон јавното здравје.