Прилепските советници денеска ги усвоија извештаите за штетите од невремето кое ги зафати реоните на Канатларци и Тополчани во јуни и во јули.
– Со невремето кое на 24 јуни го зафати Канатларци и околните населени места, зафатени се 642 хектара земјиште со проценета штета од 74 милиони денари. Советот исто така го усвои и извештајот за второто невреме кое што на 4 јули го погоди подрачјето на Тополчани и другите населени места, зафаќајќи површина од 76 хектари. Висината на проценетата штета изнесува околу шест милиони денари. Советот на општина Прилеп овој извештај ќе го испрати до второстепената владина комисија која на следната седница треба да го усвои извештајот и да изврши обештетување на жителите – изјави претседателот на општинскиот Совет Миле Талевски.
На денешната седница, советниците дадоа согласност за отворање на продолжен престој за учениците во ООУ „Добре Јованоски“. Ка.М.