Во рамки на манифестацијата Недела на различности вчера беше промовирана поетската збирка „Kога љубовта се троши како креда” од Љуљзим Хазири од Гостивар, која од албански е преведена на македонски јазик. Преводот на македонски јазик е еден акт на зближување над сè на тие што пишуваат поезија и на читателите на македонски јазик и можност за зближување и комуникација на две култури, рече авторот.
-Почестен сум како автор да бидам дел од недела на мултикултурализмот. Добар поводот за промоција на ваков вид книга, песни од албански преведени на македонски јазик. Освен што досега можеа да читаат љубители на поезија на албански јазик се создава нова можност за нова интеркултурна комуникација. Сакав да воспоставам мост на меѓукултурно разбирање и на познавање на другиот. Ќе бидам среќен ако луѓето се препознаат во мојата поезија, рече авторот.
Книгата е издадена оваа година од издавачката куќа Готен. Пред публиката во тетовската установа Стар амам, за книгата и авторот зборуваше рецензентот Салајдин Салиху.
Збирката е превод на шеесетина песни на македонски јазик поместени во девет циклуси со различна тематика: љубов, секојдневие, меѓучовечки односи, поетско обраќање кон најблиските и интимни исповеди. Aвторот на оваа книга, Лулзим Хазири, е роден во 1962 година во Гостивар. Досега објавил 4 збирки поезија и две книги со есеи и колумни. Песните му се преведени на англиски, француски, романски, хрватски и македонски јазик. Хазири е активен е во полето на заштитата на човековите права.
А.С.