Фото: Игор Бансколиев

Прилеп

Општината Прилеп подготви идејно решение за реконструкција на Старата чаршија. Планирано е нејзината реализација да почне кон крајот на август. Таа предвидува и изградба на замена на старите плочки со нови, ново осветлување, обнова на фекалната и изградба на нова атмосферска канализација.
– Најпрво градоначалникот на општината Прилеп, Илија Јованоски, заедно со претставници на ЈП за ПУП и ЈКП „Водовод и канализација“, имаше неформална средба со дуќанџиите во Старата чаршија, на која беше презентирано идејното решение за реконструкција. На средбата се собираа и мислења, предлози и идеи од дуќанџиите, во функција на наоѓање на најдоброто решение во интерес на сите засегнати страни.

Со проектот ќе бидат опфатени улиците Републиканска, на потегот од аптеката „Зегин“ до раскрсницата со Борка Талески, и дел од Херој Карпош. Со реконструкцијата на чаршијата, постојните травертински плочи ќе бидат заменети со гранитни, а сите жици и кабли од кабелските оператори ќе бидат сместени во подземни инсталации. Фекалната канализација ќе биде комплетно реконструирана и ќе се изгради нова атмосферска канализација. Во согласност со идејниот проект, по завршувањето на реконструкцијата, нема да се дозволи повторно монтирање на постојните застаклени делови од кафетериите – информираат од општината Прилеп.

Надлежните велат дека ЈКП „Водовод и канализација“ ќе изврши бесплатна замена на постојната водоводна мрежа, која стара над 70 години, а за зголемување на безбедноста на објектите ќе се постави видеонадзор и значително ќе се подобри и осветлувањето. Според планираното и во зависност од временските услови, комплетната реконструкција ќе заврши за 75-90 дена, а за целото време на изведување на работите, дуќанџиите и купувачите ќе имаат пристап до дуќаните.
Како што информираат од локалната самоуправа на Прилеп, на презентацијата на проектот за Старата чаршија со свои предлози се вклучиле и дуќанџиите. По нивно барање, договорено е реконструкцијата да почне на крајот на август, односно почетокот на септември оваа година. Тие побарале од градоначалникот да биде направен добар оперативен план, да инсистира градежните работи да се одвиваат ефикасно и да се запази планираниот рок на изведба, за да не им се нанесе штета во нивното функционирање. Дадени биле повеќе идеи како да се реши прашањето со паркирање на возилата и одржување на хигиената во чаршијата и како да се подобри пристапноста до дуќаните.
– Истовремено, градоначалникот Јованоски го прифати предлогот, во договор и со дозвола од Заводот и музеј, да се реновираат и унифицираат фасадите на дуќаните. Проектот за реконструкција на Старата чаршија наиде на широка поддршка од дуќанџиите – нагласуваат од општината Прилеп.