ПРИЛЕП

Во училиштето „Ристе Ристески-Ричко“ во Прилеп се спроведува проект за дуално стручно образование според германски принцип. Проектот се реализира за да не се иселуваат младите, за да се намали невработеноста, но и да се профилираат кадри за потребите на стопанството.
Учениците од струките техничар за индустриска мехатроника и техничар за производствено машинство одат на практична настава во домашна и две странски компании што работат во Прилеп. Повеќе од половина од образованието со проектот е практика за која учениците добиваат и паричен надоместок.
– Иницијативата за спроведување дуално стручно образование доаѓа од самите компании, а наша задача во оваа програма е да ја управуваме и да ја насочуваме таа соработка меѓу компаниите и училиштата, како дел од јавниот сектор и, секако, Министерството за образование и наука, и истото тоа образование да биде признаено на ниво на цела држава.

Компаниите многу инвестираат во дуалното образование, исто така и во работна сила и во персонал, а во нивни интерес е да им понудат добри услови за работа на кандидатите за да ги задржат учениците што се обучувале кај нив. Составен дел на оваа програма е и месечниот надоместок што го добиваат учениците при извршувањето на практичната обука во компаниите, значи компаниите им исплаќаат месечен надоместок на учениците за практичната обука – посочува Патрик Мартенс, директорот на Делегацијата на германското стопанство во Македонија.
Од училиштето велат дека со вакви проекти ќе успеат да ги натераат младите да ја креираат иднината тука, бидејќи ќе бидат доволно оспособени за работа. Од друга страна, младите пак велат дека вака остручени, со знаењата преку дуалното образование ќе можат да работат каде сакаат. Освен во ова училиште, проектот за дуално образование се спроведува уште во шест други училишта низ земјата. К.М.