За да се подобрат условите за нормално функционирање на граѓаните на Кичево, во овој град продолжува инфраструктурниот бум, откако локалната самоуправа последните неколку години ги осовремени повеќето градски сообраќајници, а летово и есенва, главниот акцент е ставен на една од рбетните улици во градот, улицата „11-ти Септември“, на која се изведуваат повеќе зафати, од промена на водоводната мрежа, до поставување на атмосферска и фекална канализација и ново јавно осветлување.
Средствата за овој зафат ги обезбеди ЕЛС-Кичево и најдоцна за еден месец се очекува една од најдолгите улици во градот да блесне со нов сјај.
– Со средства обезбедени од страна на ЕЛС-Кичево, во полн ек течат работите на осовременување на улицата „11-ти Септември“ една од најважните во градот. При повеќемесечните активности, на оваа улица поставена е нова засебна атмосферска и фекална канализација, старите метални и азбестни водоводни цевки сменети се со нови еколошки ПВЦ цевки, а на обете страни од оваа фреквентна сообраќајница се поставува и ново улично осветление, што ќе овозможи побезбедно одвивање на сообраќајот и движење на пешаците во текот на ноќните часови. Ако дозволат временските услови, очекуваме најдоцна за еден месец целосно да бидат финализирани градежните и останатите активности и оваа улица да добие современ урбан изглед – истакна Фатмир Дехари, градоначалник на општина Кичево.
Инаку, ЕЛС Кичево изминативе неколку години целосно ги реконструира „Булеварот Ослободување“, улицата„ Гоце Делчев“, наскоро целосно ќе биде променет изгледот на Китиното Кале, се градат нови кружни текови во близина на хотелот „Арабела“, а за догодина се планира и комплетна реконструкција на улицата „Борис Кидрич“, важна сообраќајна артерија на градот од јужната страна на Кичево, а целосно е преуреден и магистралниот што поминува низ градот.