Најуспешните жени на град Кичево за 2019 година по третпат ќе бидат прогласени вечерва во Центарот за култура во Кичево. Настанот ќе изобилува и со богата културно-уметничка програма, модна ревија, ревија на народни носии од овој крај, настапи на музички групи и солисти, литературно читање, лотарија и многу други содржини.
– Вечерва со почеток во 19 часот во Центарот за култура во нашиот град, ќе бидат прогласени најуспешните жени на Кичево за 2019 година. Изборот на најуспешните жени е извршен врз основа на нивниот придонес во работата и надвор од неа, а ќе ги има од сите области и професии, од образование, здравство, култура, производни дејности, трговија и многу други. Овој настан од година во година има се повеќе поклоници кај понежниот пол во градот и стана традиционален. Покрај официјалното прогласување на најуспешните жени на Кичево за 2019 година, перформансот ќе биде збогатен со ревија на народни носии на националностите кои живеат во овој регион, модна ревија на модели пролет-лето, литературни творби ќе читаат локални поети, а ќе настапат и повеќе солисти и музички групи, како и пејачката група „Преродба“ од Прилеп. Настанот ќе биде дополнет со богата лотарија и на крајот ќе биде зачинет со закуска и дружење на најуспешните дами и останатите гости на вечерта – истакнаа членовите на неформалната група Зоран, Горан и Алексо, кои придонесоа во организирањето на овој настан, кој е реализиран во соработка со Центарот за култура „Кочо Рацин“ од Кичево.
З.А.