Во Центарот за култура во Кичево, беа прогласени најуспешните жени во градот и општината за 2018 година. Ова е втора година по ред како се организира овој избор.
– Вечерва по вторпат ги прогласивме најуспешните жени од нашиот град, овојпат за 2018 година. Во тој избор беа застапени жени од сите возрасти и од различна квалификациска структура, од менаџерки, лекарки, професорки, трговки, вработени во производниот сектор и други. Сметаме дека изборот е праведен и сите што се на оваа листа, се истакнати жени во своите области. Вечерта беше збогатена со лотарија, модна ревија, додека локалните лиричари читаа поетски творби, а самиот настан беше збогатен со неколку вокални и вокално-инструментални изведби – истакнаа Горан, Зоран и Алексо, организатори на овој избор.
Меѓу наградените беше и Маја Петкоска, докторка на медицина.
– Пресреќна сум и презадоволна што сум прогласена за една од најуспешните жени за 2018 во Општина Кичево. Овој избор уште повеќе ме прави да бидам поодговорна и ме обврзува да продолжам по зацртаниот пат. Граѓаните знаат да ги вреднуваат моите резултати во работата и како плод на нивниот критериум дојде и оваа награда – истакна Петкоска..
Исто така меѓу наградените беше и директорката на О.У.„ Кузман Јосифоски Питу“ која за краток период донесе многу позитивни промени како во училишниот објект, така и во наставата.
– Оваа награда од една страна е комплимент, а од друга страна обврзува да продолжам по истиот пат и уште поодговорно да ја вршам својата работа. Им благодарам на членовите на неформалната група што мене ме ставија во најтесниот избор и јас да бидам во редот на најуспешните жени на Кичево во 2018 година – рече Анета Божиноски, директорка на ОУ „Кузман Јосифоски Питу“.
Инаку овој настан беше масовно посетен од граѓанките на Кичево и вакви иновативни перформанси во голема мера и недостигаат на внатрешноста од земјава. З.А.